По објавувањето на истражувањето на НОВАТВ и OCCRP , моќната лоби фирма од САД „Меркјури“ поднесе детална листа во американското министерство за правда за активностите кои што тие ги преземале за својот клиент Либертас Фондација за којшто НОВАТВ и партнерите докажаа дека криеле дека работат за ВМРО-ДПМНЕ.
Според поднесоците на „Меркјури“, во периодот помеѓу 16 и 26 фебруари тие во име на клиентот „Либертас“ оствариле дузина телефонски повици и праќале или добивале повратни мелјови од лица вработени во Стејт Департмент во САД и во Националниот Совет за Безбедност. Сите повици се пријавени со предмет на интерес „Позициите на Американската влада во формирањето на новата влада во Македонија“.
Во поднесокот е пријавено дека „Меркјури“ оствариле контакти со Кетлин.Ф.Макфарланд којашто во првите неколку месеци од 2017 и во времето на нејзините контакти со лобито на ВМРО-ДПМНЕ (20 и 22 фебруари два телефонски разговори пријавени во ФАРА) е назначаена за заменик-советник за национална безбедност на претседателот на САД Доналд Трамп. Во тоа време, пак, советник е контроверзниот Стив Бенон преку чијшто вебсајт „Бреибарт“ се водеше црната кампања против амбасадорот во Македонија Џес Бејли, УСАИД и Џорџ Сорос, а вработени во државната медиумска агенција МИА, како Цветин Чилиманов, често гостуваа во овој медиум и даваа интервјуа кои беа на линија на стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај неговиот веб сајт, црната кампања се одвиваше и преку моќната телевизија „Фокс Њус“ којашто ги поддржува Републиканците, а во време на кризата во Македонија и проблемите со формирање на влада и парламент во земјава, „Фокс Њус“ објавуваше стории кои беа дел од мрежата платени лоби текстови и се објавуваа во конзервативните медиуми во САД, а во Македонија беа организирано објавувани од медуимите коишто ја поддржуваа тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, поднесокот на „Меркјури“ открива дека токму Кетлин.Ф.Макфарланд била ангажирана во оваа телевизија како аналитичар за безбедносни прашања.