Пребеганиот екс премиер, Никола Груевски, ја повлекол тужбата за клевета и навреда која ја поднесе во 2014 година против актуелниот премиер, Зоран Заев, во врска со негова изјава за продажбата на „Македонска банка“. Заев објави снимка за која вели дека Груевски бил снимен како преку посредник ја договарал продажбата на „Македонска банка“ на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ Нини. За ова Груевски бараше отштета од 500.000 евра.
Од Граѓанскиот суд за „Макфакс“ велат дека Груевски ја повлекол тужбата преку адвокат.
„Тужителот преку својот полномошник со поднесок го извести судот дека се откажува од тужбеното барање во целост. Со оглед на наведеното, на 8.01.2019 година, вон рочиште донесена е пресуда врз основа на одрекување, согласно со чл.318 од Законот за парнична постапка“, велат од судот за „Макфакс“.
Со правосилна пресуда Заев беше осуден дека јавно го наклеветил експремиерот Никола Груевски. Никола Додевски, тогашниот адвокат на премиерот Груевски, го намали побарувањето од Зоран Заев од првично побараните половина милион евра на 50 000 евра, со објаснување дека парите не се мотив за поднесување на тужбата, туку да се докаже чесноста на премиерот. Потоа Груевски преку Додевски се откажа и од таа сума и бараше само правна сатисфакција, се додека не се откаже и од тужбеното барање во целост.