Претседателот на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, Петре Шилегов, денеска јавно ги повика функционерите на ВМРО-ДПМНЕ да се појават пред Комисијата по редоследот кој тој го составил, бидејќи никој од повиканите не одговорил кој ден би можел да сведочи. За тоа имале два дена да се произнесат, но никој од нив не го направил тоа.
Сега согласно Деловникот за работа, претседателот Шилегов го повика Никола Груевски прв да се појави пред Комисијата во среда, како прв предложен сведок од ВМРО-ДПМНЕ, додека во четврток повикани да сведочат се советникот на премиерот, Мартин Протуѓер и министерот за финансии Зоран Ставрески.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, треба да сведочи во петок, а поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска на 14 декември. Миле Јанакиески ќе сведочи еден ден подоцна.
Сепак, повиканите сведоци немаат законска обврска да се појават да сведочат пред Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето.
-Ќе оставиме на судот на јавноста дали овие лица навистина сакаат или не сакаат да се појават и да сведочат за содржината на објавените материјали, рече Шилегов.