Актуелните земјотреси не ја поколебаа балканската фолк ѕвезда Лепа Брена да дојде во Охрид, каде вечерва ќе одржи концерт, на плажата „Градиште 2“, што не беше случај пред две години, кога политичките случувања ја исплашија и принудија да откаже концерт во Скопје.
Изминативе два дена, таа ги помина релаксирано во обиколки на градот, снимање на емисија, а го посети и Свети Наум, каде на гостите им испеа повеќе стари македонски песни.
Како мало потсетување, Брена требаше да одржи голем концерт во Скопје, пред две години, во времето кога во земјава беше актуелно движењето „Протестирам“ кое бараше пад и одговорност од тогашната влада предводена од Никола Груевски, ослободување на притворените граѓански активисти и формирање на влада за демократизација на институциите. Тогаш, граѓанските протести и политичката состојба ја поколебаа фолк ѕвездата да дојде во Скопје на веќе закажаниот концерт, па таа со соопштение до јавноста го откажа настанот.
„Жалам што нема да се дружам со моите фанови од Македонија, но едноставно ситуацијата е таква. Ветувам дека во најбрзо време ќе го одржам одложениот концерт“ – порача Брена по откажувањето на музичкиот спектакл.
На социјалните мрежи веќе се коментира дека фолк ѕвездата најверојатно го чекала падот на Груевски, па да се охрабри и да дојде во Македонија.
Освен Лепа Брена, и фолк пејачката Драгана Мирковиќ откажа свој концерт во Скопје, за време на владеењето на Никола Груевски, со образложение дека е исплашена од тогашната политичка состојба. Таа го соопшти откажувањето на настанот на почетокот на април годинава, во време кога се одржуваа протестите на движењето „За заедничка Македонија“. Менаџерскиот тим на пејачката сеуште не соопштува дали и кога ќе се одржи откажаниот концерт.
Дружбата на Брена со македонската публика не запира овде. Веќе во септември, таа пак ќе има свој настап, пред публиката на „Штипска пастрмајлијада“ во Штип.
За разлика од Драгана и Брена, Аца Лукас, еден од најредовните српски пејачи кои гостуваат кај нас, досега нема откажано ниту еден свој настап. Пееше и во времето на движењето „Протестирам“, но и во време на протестите на „За заедничка Македонија“.
„Јас сум тука да ги забавувам луѓето, и политика воопшто не ме интересира“ – изјави тој годинава во мај, пред концерот во Скопје. На четврти август, Лукас повторно ќе пее во Охрид, на плажата Кадмо, каде и лани имаше успешен настап пред неколку илјади посетители.
Вики Клинчарова