Поранешниот премиер Никола Груевски, на својот профил на Фејсбук излезе со свој став околу последните случувања во Македонија и недобивањето датум за преговори за членство во ЕУ.
Вистинската причина заради која Заев се одлучи на брзи избори по неуспехот со почетокот на преговорите со ЕУ е неговата…
Publiée par Nikola Gruevski sur Samedi 19 octobre 2019
„Вистинската причина заради која Заев се одлучи на брзи избори по неуспехот со почетокот на преговорите со ЕУ е неговата намера повторно, обидувајќи се да ја демонизира опозицијата, да моли за поддршка во изборите пред меѓународниот фактор.
Очигледно неговата лична проценка е дека ова е последен момент кога би можел да состави некаква приказна, колку и таа да звучи неубедливо, за да побара таква помош.
Тој е свесен дека без нив нема никакви шанси народот да му даде доволно поддршка, со која би победил или пак по поразот на изборите и без победа да состави влада.
Всушност тој би одел горе-долу со истата кампања и тези надвор кај меѓународниот фактор, но и внатре на самите избори. Претставувајќи ја опозицијата како ,,националистичко плашило” за европските и евроатланските интеграции, а себеси како “ангел спасител” за истото.
Одлуката на Заев за предвремени избори не е ниту за добивање насока од граѓаните чија насока никогаш и не му значела ниту некогаш ја почитувал, ниту за нова доверба која никогаш не ја ни добил, ниту за неговиот кредибилитет кој всушност и го нема.
Одлуката во неговите очи е последната “сламка за спас”.
Тој се плаши дека по приемот во НАТО и по потпишувањето на договорите за учебниците по историјата со двата соседа, неговата употребна вредност целосно ќе исчезне, дека не само што меѓународниот фактор ќе нема ниту една причина да се ангажира и да го поддржува на избори и при составување влада, туку заради неспособноста и криминогеноста може и да сака да се ослободи од овој криминоген ренегат бидејќи неговите катастрофални чекори надвор од испорачувањето на двата договори со соседите се повеќе им се препишуваат ним.
Но приказната на Заев е јалова. Секому му е јасно дека опозицијата е поддржувач на европските и евроатланските интеграции затоа што тоа е интерес на Македонија и на македонскиот народ и граѓани. Старата „финта” го нема истиот ефект кога втор пат се употребува, особено на ваков начин.
Откако вчера го провери „пулсот” и ја виде реакцијата кај сите кои ги смета за блиски во партијата и пошироко со приказната дека ќе поднесе оставка, денес излезе со планот, кој сигурно не му е од вчера“, стои во дел од статусот на Груевски.