Груевски од Унгарија му се јавувал на Алек Теранова и барал стан во Центар за сопругата и децата

by fokus

Поранешниот премиер кој е осуден и доби азил во Унгарија, Никола Груевски од унгарски број го барал бизнисменот Александар Ивановски познат како Алек Теранова, и се интерсирал за стан во Центар во којшто ќе може да живеат неговата сопруга и децата.

-Во 2018 година после неговото  бегство, добив порака од унгарски телефонски број и Груевски ме прашуваше дали имам станови во Центар во Скопје за неговата сопруга. Му кажав дека немам, дека имам станови само во Аеродром во градба коишто ќе бидат готови во 2020 година, рече Ивановски.

После овој разговор, Груевски го барал и во октомври, ноември 2020 година, односно после отворањето на истрагата за “Плацеви на Водно”, односно по неговот сведочење во Обвинителство.

Ивановски денеска се појави како сведок на Обвинителството и откри дека всушност тој случајно ги нашол и му ги открил “Плацевите на Водно” на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и му посредувал за купување како на добар пријател.

Ивановски е потписник на полномошното за отворање на фирма на “Сирах инженеринг”, фирма ќерка на офшор компанијата од Кипар којашто ги купи спорните плацеви.

Фирмата е купувач на две парцели од 11.000 квадратни метри на Водно, кои според обвинението, екс премиерот Никола Груевски ги купил за себе и тоа со партиски пари.

Управител на фирмата е кумот на Груевски, Ристо Новачевски.

Покрај Новачевски, во случајот осомничени се и Груевски, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Ивановски тврдеше дека во овие зделки посредувал за да му направи само услуга на неговиот пријател, Сашо Мијалков. Тој исто така преку својата секретарка основал фирма којашто ги купила и становите околу домот на Груевски за да не бидат на негово име.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости