Ова му го кажал Ѕвонко Костовски на поранешниот премиер Никола Груевски кој по информацијата од лидерот на опозицијата Зоран Заев дека поседува аудио снимки, со директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинет Мартин Протуѓер во зградата на Управата во МВР, барале одговор од Ѕвонко кој би можел да ги сними тие разговори и да ги предате на Заев.
Костовски како сведок на Специјалното јавно обвинителство во предметот „Таргет Тврдина“ за масовното прислушување, во Кривичниот суд во Скопје рече дека кон крајот на септември 2014 година началникот во УБК Горан Грујевски го повикал во неговата канцеларија и му рекол дека ситуацијата е многу сериозна дека лидерот на опозицијата бил кај премиерот, во тоа време Никола Груевски, и му соопштил дека поседува снимки од политичари функционери и други лица.
– Тогаш мене Горан ми даде задача да проверам на системот дали некој експортирал вакви аудио разговори од таргети што се надвор од сајтот во кој се судските наредби. Јас отидов на системот и му кажав дека после проверката дека вакви експорти на нашиот систем нема, има само експорти од делот што се однесува на судски наредби. Горан рече „почни да пребаруваш по сите јузери, изанализирај ги сите активности на корисници независно дали станува збор за експорт слушање или пишување“ и тогаш ми кажа дека премиерот треба да дојде во УБК – појасни Костовски.
По првата средба во УБК, Костовски се сеќава дека премиерот рекол дека најверојатно така и се снимени аудио разговорите, бидејќи, како што рече тој, „не верувам дека некој во Македонија би можел да поседува толкав снимен материјал за целиот тој период ниту еднаш ништо да не биде објавено од тој материјал“. Од тоа, тој заклучил дека најверојатно се работи за снимки снимени од некоја странска служба која што ги снимила материјалите со години и сега решила да ги предаде на опозицијата и со тоа да ја сруши од власт владејачката партија.
– Така се нагаѓаа кои се служби би можеле да бидат вмешани. Една од сомнителните беше грчката разузнавачка служба меѓутоа не беше исклучено и некоја поголема разузнавачка служба – рече Костовски.
Први сомнежи дека Ѓорѓи Лазаровски е вмешан во експортирањето на „бомбите“
Началникот Грујевски се посомневал во Лазаревски и на Костовски му дал задача да го провери. Му порачал дека доколку дознае дека тој е замешан, да го поздрави со зборовите дека лично тој ќе му го пресекол гркланот. Ѓорѓи го примил поздравот и прифатил кога и да треба дека ќе дојде на разговор во МВР.
Во следниот период во УБК почнала голема истрага во која се проверувале сите вработени во Одделот за оперативна техника. Први осомничени биле оние кои на Горан Грујевски лично не му се допаѓале затоа што не ги извршувале наредбите онака како што тој ќе кажел, а според него, вели Костовски, сите што го виделе и го паметат Тито требало да бидат на некој начин маргинализирани односно да не им бидат давани задачи коишто се битни за службите. Тој сметал дека задачите требало да им бидат давани на новопримените инженери.
– И така почна со полиграфско тестирање. Прво на оние најсомнителните, па после на помалку сомнителните, и така многу луѓе пројдоа на тоа полиграфско тестирање. Тие што не го поминуваа успешно полиграфското тестирање беа префрлани на други работни места. Некои со усна наредба, а некои со решение. На оние коишто не му се свиѓаа на Горан дури имав насоки од него дека на годишното оценување треба да им дадат негативна оценка. Горан ми велеше „или ти ќе ги решиш нив „или јас ќе те решам тебе, пошто јас те оценувам тебе“. Затоа што нормално не можев да им дадам негативни оценки на луѓето кои не заслужуваат ниски оценки сепак оценката ја спуштав на најниско можно ниво каде што ќе нема последици, затоа што доколку некој двапати биде негативно оценет следи отказ – рече Костовски.
Сведокот се присети дека Грујевски го викнал и му кажал дека по апсењето на Верушевски, во неговиот компјутер пронашле скајп комунукација во која биле спомнувани имињата „селектор“ С1, С2 и С3, но дека биле збунувачки и за него и за началничката Надица Николиќ. При анализата на компјутерот пронашле си-ви на Ѓорѓи Лазаревски во кој веднаш се посомневале но пронашле и податок дека оној со псевдоним „селектор“ имал ѕвонче во куќата кое ѕвонело како славеј. Горан кога го прочитал тоа викнал повеќе вработени и им дал задача сите да одат кај вработени да видат каде ѕвончето ѕвони како славеј.
Во меѓувреме започнала постапката за Лазаревски да биде повикан во МВР да даде изјава. По реализирањето на таа средба, тој признал се, а Грујевски му пришол на Костовски и почнал да му вика. Следувало испрашување од инспектор и барање Костовски да признание дека тој маркирал и прислушувал за што не можел да се сложи. Признал дека тој ги предавал материјалите но не и дека маркирал.
– Во канцеларијата во УБК влезе поголема група меѓу кои и директорот Сашо Мијалков, директорот Чавков, Зоран Глигоровски, Илија Смилевски, Горанчо Савевски и почнаа сите да ме испрашуваат. Некои од нив се закануваа, викаа, замавнуваа, удираа по масата и тоа траеше долго време. Во еден момент стана директорот Сашо Мијалков и ми рече „Ѕвонко или ќе признаеш се што сте правеле или ќе лежиш 15 години во затвор. Јас ти го гарантирам тоа и знаеш дека сум човек од збор. Ќе лежиш како што лежат Велија, Љубе Бошковски, и како што лежат другите. Еве сега јас ќе излезам и ќе ти дадам уште малку време да размислиш. Или ќе признаеш или ќе се видиме по 15 години“, а директорот пак, Чавков рече „Звонко сите знаеме каде работи твојата сопруга, знаеш како велат покрај сувото гори и зеленото што во превод значи истово ќе ја најде и твојава сопруга“ и сите си излегоа – рече Костовски.
По кратко размислување, го повикал Мијалков и му признал дека тој и Ѕвонко ги ваделе материјалите и ги носеле кај Верушевски. Тогашниот директор на УБК побарал од него истото да го каже и пред обвинител, на што се сложил.
– Јас почнав да ја раскажувам истата приказна и пред обвинителот и во еден момент кога спомнав дека сум експортирал снимки од министерката Гордана Јанкуловска, од Антонио Милошоски, од премиерот,… обвинителот скоро да скокна и ми вика „слушнавте ли директоре што кажа“ и директорот му рече, „седи бе таму и слушај“. Јас раскажував се како што беше. После мојот исказ кој беше снимен со адуио и видео бев одведен во Шутка во февруари во Истражниот затвор – се присети Костовски.
Костовски беше притворен на 8 феруари 2015 година, а веќе следниот ден тогашниот лидер на опозицијата и сегашен премиер Зоран Заев на прес-конференција ја емитуваше првата од таканаречените „бомби“ од проектот „Вистината за Македонија“. Груевски пак, на 25 февруари истата година објави дека зад прислушувањето на разговорите стојат странски служби потпомогнати од нивни соработници од земјава.
Во „Шутка“ бил испрашуван повторно од обвинител кој му рекол дека на неговото биро пронашле хард диск со разговори од Зоран Заев. Костовски му рекол дека тие разговори се во друг формат снимени, односно како оние за кои е дадена судска наредба. Обвинителот му рекол дека од УБК бараат да признае дека маркирал, и дека доколку не го стори тоа бил запознаен за последиците.
– На следното видување со обвинителот, тој ми рече: „твоите бараат да признаеш дека си маркирал“, а јас му реков како сега да признаам нешто што не сум го правел и зошто не извадите лог фајлови од системот, му кажав дека сум спремен да бидам ставен на полиграф и на сите негови прашања да одговорам полиграфски. Обвинителот ми рече дека „дококу признаеш ќе бидеш осуден само за шпионажа, за помагање во шпионажа“, а доколку не признаам ќе бидам обвинет за помагање во шпионажа и за уцена на високи претставници од власта и за незакнско тонско снимање. Јас решив дека е подборо да признаам и така направив – истакна Костовски.
Ѕвонко Костовски има завршено Електротехнички факултет. Во МВР бил е вработен од 1993 година како инженер почетник, а од 1995 година добива место самостоен инженер, каде три години подоцна станува главен инженер. Во 2001 година добива место началник на Одделение согласно тогашната систематизација. Тоа е сектор за развој и едукација и таму е се до 2006 година каде по промената на власта кога за директор на УБК е назначен Сашо Мијалков бил деградиран за две места и добил работно место главен инженер во Секторот за одржување и телекомуниакци. Во 2008 година е унапреден во главен инженер раководител во истиот сектор се до 2012 година каде повторно е унапреден на работно место началник во Единицата на оперативно техничка пдодршка на операции каде останува се до неговото притворање на 8 февруари 2015 година.