Поранешниот премиер Никола Груевски, од свадба замина во судница. Како што дознаваме, за време на викендот, тој бил еден од гостите на свадбената веселба на синот на пратеничката Лилјана Затуровска.
Настанот се случувал во хотел во Струга, а фотографии и снимки од веселбата ги преплавија социјалните мрежи. Освен фотографиите на кои Груевски насмеано позира покрај своите пријатели, има и такви на кои е фатен како врти на орото. Со оглед на тоа што денес беше предвидено да следат завршните зборови за случајот Тенк, на СЈО, во кој се обвинети Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, не изостануваат коментарите од типот како Груевски може безгрижно да игра оро, во очи на судската пресуда.
Сепак, денес наместо пресуда, СЈО поднесе нови докази за кои на денешното рочиште судот треба да се произнесе. Во судот денес биле присутни Груевски и Поповски, додека постапката за Јанкуловска била издвоена поради ризична бременост.
Вики Клинчарова