Груевски нервозно кон судијата: На Заев може да му се одлага судење, а наше не

by Fokus

На денешното судење за случајот ТНТ, во кој обвинет е екс премиерот Никола Груевски, иако судијата донесе одлука да се одложи денешното рочиште, по барање на одбраната, тие сепак изразија незадоволство, бидејќи не им одговарало наредното рочиште да се оддржи на 15 февруари.

Груевски, видно изнервиран му се обрати на судијата и извикаа дека не е во ред тоа што го прави.

„Следната недела секој ден сме на судење. Кога ќе ги слушнеме снимките? Не е фер“ – рече Груевски.

Претходно, судот реши да ја одложи главната расправа за да им дозволи на обвинетите и на нивните адвокати да ги слушнат прислушуваните разговори во судот, и да ги прочитаат смс-пораките, кои како докази се предложени од СЈО.

Пред ова одлука, судијата Огнен Ставрев рече дека го повлекува претходното задолжение, донесено на претходното рочиште, со кое им наложи на СЈО да им ги достави прислушуваните разговори на обвинетите и на адвокатите. Сега судијата појасни дека ќе им биде овозможено „бомбите“ да ги слушнат во судот.

Груевски стана и лично го праша судијата зошто ја смениле одлуката?

Судијата истакна дека претпоставува дека во разговорите има и лични разговори, па да не се случи некој од тие разговори да протече во јавноста.

Груевски извика дека ова не е судење, туку дека е фарса.

„На друг политичар му закажувате за два месеци, а на нас за три дена“ – рече Груевски.

Судијата рече дека не го знае тој политичар, на што Груевски му рече дека ќе му каже, и рече дека тоа е Зоран Заев.

Судијата му возврати дека не е запознаен, бидејќи тоа не е негов предмет.

По Груевски реагираше и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој истакна дека е невозможно за толку краток временски рок да преслушаат 3.000 разговори и 10.000 смс-пораки, бидејќи и секој ден имале обврска да одат на судење.

Груевски додаде дека доколку ја донеле пресудата да им ја соопштат, зошто ова било малтретирање.

По острите реакции на екс премиерот, во судница повторно бурно реагираше и Јанакиески кој извика дека снимнките се повеќето негови и дека цела држава ги има слушнато, а само нив не им ги даваат.

По речиси получасовното натегање судијата да даде друг термин, судијата остана на ставот главната расправа да се одржи на 15 февруари, но ги повика во вторник да се појават во неговата судница и да се договорат, по што рече дека е можно и да го пролонгираат судењето.

В.В.

Поврзани новости