„Груевски нервозен, Тачи корумпиран”

by fokus

Поранешниот македонски премиер станува сѐ понервозен поради можното губење на власта, пишува австриски Стандард во анализа за пост-изборните состојби во Македонија, а пренесе Дојче Веле.

Во анализата пишува дека Никола Груевски се плаши бидејќи ја губи власта, а Сашо Мијалков е опишан како „мозокот на режимот”. Како можен адут на Груевски во трката за формирање на новата влада пак, е наведен лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

-Жалбите пред Државната изборна комисија и можното загрозување на тесната победа на изборите, раѓа страв кај досега владејачката ВМРО-ДПМНЕ од губење на власта…

Поранешниот премиер Никола Груевски е очигледно нервозен. Во саботата одржа говор во кој индиректно ги нападна ЕУ и САД и забрани било какво мешање од странски амбасади…Европската Комисија е загрижена поради ‘растечката негативна реторика- , пишува австрискиот дневен весник „Стандард“.

Иако не цитира извори, весникот тврди дека лидерот на ДПА Мендух Тачи веќе се предомислил иако во изборната ноќ најави дека своите двајца пратеници ќе ѝ ги даде на Беса.

-ДПА најави дека ќе ја поддржи албанската реформска партија Беса, која сака да коалицира со Социјалдемократите, но партискиот шеф Тачи во меѓувреме се предомисли. Тачи важи за корумпиран. Во еден прислушкуван телефонски разговор може да се слушне како му ветува на поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков дека ‘му е верен до смрт’“ – потсетува австрискиот „Стандард”.

-Не е исклучено дека опозицијата ќе успее да обезбеди мнозинство. Албанскиот премиер Еди Рама деновиве се обиде да изгради коалиција меѓу партиите на Албанците и СДСМ.

Реформската партија на Албанците, Беса која постигна солиден успех на изборите веројатно повеќе би сакала да остане во опозиција. Напролет се закажани локални избори, на кои како опозициска партија ќе има поголеми шанси. А и многумина сметаат дека новата влада нема долго да издржи-додава Стандард.

 

Поврзани новости