По секое рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, екс премиерот Никола Груевски задолжително дава своја “одбрана” преку фејсбук статус, од Будимпешта.
За него и денешното рочиште било празно и бесмислено, коментирајќи дека двајцата сведоци биле превземени од предметот “Титаник”.
Тој за едниот сведок, кој сведочеше дека донирал 5.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ, и дека лично Коце Трајановски го одвел во партиското седиште, рече дека го познавал многу оддамна, пред наводната донација. Но, Груевски напиша дури и го “истражил” сведокот, и јавно се обиде да го дескредитира.
-Во меѓувреме, денес се распрашав за него и дознав дека подоцна, во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, било откриено дека на неговата градежна фирма УЈП пронашла посериозни наоди за неплатен данок, по што се соочил со законски проблеми и веројатно матерјални издадоци, па бил доста лут на партијата која ја водев и се приклучил во партијата “Обединети за Македонија” каде на некои од изборите бил и носител на листа, а се испостави дека неговата и сопругата на претседателот на таа партија-Љубе Бошковки биле и роднини. Инаку денес во распрашувањето за него разбрав дека најпрвин бил член или подржувач на ВМРО-ДПМНЕ, каде наводно во општинските комитети се преставувал и како мој роднина(што не е точно), па заминал во ВМРО НП, па во Обедините за Македонија, па којзнае каде е сега, пишува Груевски.
Тој пишува и дека не ну е јасно зошто обвинителството ги повикало овие сведоци. Од друга страна пак во судница беше јасно дека обвинителството со овие сведоци сака да ја докаже тезата дека во партијата влегувале кеш пари, кои наводно завршувале лично кај Груевски.
-Најверојатна претпоставка е дека од обвинителството сакаат да докажат дека од овие донации (доколку навистина се случиле, особено втората), а во вкупна вредност од 9 илјади евра (и со зборови: девет илјади евра), јас наводно сум купил станови и земјиште, за кое без никаков доказ или евиденција обвинителството тврди дека сум го платил 1,3 милиони евра.
Имено, во овој предмет, согласно законите, обвинителството треба да докаже дека од некаде сум земал пари со кои подоцна сум купил имот, како што велат тие вреден над 1,3 милиони евра. Бидејки не се случило такво нешто, тие се принудени да конструираат нешто. Во случајот се гледаат две работи, а тоа е дека ниту имаат најелементарен доказ дека сум купил имот, ниту доказ дека од некаде сум обезбедил пари за такво нешто. Ниту пак реално може да имаат таков доказ бидејки немало такво нешто, вели Груевски.
Тој повторно “мава со дрва и камења” против дел од медиумите кои известуваат за судскиот процес.
-Сега разбирам и зошто во борбата да им помогнат медиумите под контрола на власта, акцент ставија дека сум имал сеф во канцеларијата во поранешниот штаб (иако немав, а не гледам што е проблемот ако имав), па тоа треба да е некаков доказ дека демек треба да си претпостави секој дека сум чувал пари таму, како да ако некој нема сеф во канцеларијата, не може да чува пари.
Неверојатни глупости! Неверојатни!!! Ниту доказ дека некој ми дал пари, ни доказ дека сам сум земал пари, ни дека некој видел пари во некаков мој сеф. Ниту пак доказ дека со такви пари, во готовина, или какви сака нека се, сум ги уплатил и сум купил имот, пишува Груевски.
Тој додава и дека никој не прашувал дали Заев или било кој друг лидер на партија има сеф во канцеларијата?
Потоа повторно се жали на медиумска хајка.
-Неверојатна хајка! Неверојатна по дебилноста како е обмислена! Дојдоа во ситуација нивните партиски медиуми како прва вест на нивните портали да вадат текстови од архивите, нешто што пишувале пред години, и да ги држат со саати и денови, само за да заличи нешто сомнително, да се создаде перцепција дека има некои незаконски дејства. Тоа значи дека свесни се дека се “соголени” во нивната намера да судат и осудат луѓе без ниту еден доказ, заради партиско-политички мотиви (во делот на Камчев и одмазнички мотиви заради случајот “Рекет”), па им треба создавање јавна лажна перцепција како увертира за да го натераат судијата да донесе одлука каква што посакуваат, вели Груевски.