Груевски не му ја честиташе победата на Мицкоски на фејсбук

by fokus

И по три дена од изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, поранешниот премиер Никола Груевски се уште не ја честиташе победата на неговите сопартијци. Изостана негов фејсбук статус, во кој јавно ќе се израдува за успехот на неговата матична партија, а кој, според многумина, ја отвора вратата за неговото враќање.

Но како што се шпекулира, Груевски се воздржува од честитки, за да не се создаде впечаток дека тој се уште ги држи партиските конци во раце од Будимпешта, Унгарија.

Инаку, екс премиерот и актуелен бегалец, редовно на социјалната мрежа фејсбук ги честита државните празници, како последните 23 Октомври и 11 Октомври. Тој експресно реагира и кога во медиумите ќе се спомене случајот „Плацевите на Водно“, во кој е еден од обвинетите. Токму за овој случај му се однесува и последниот статус, објавен пред пет дена.

-Заев го контролира обвинителството, судството, директно влијае или се обидува да влијае на многу сведоци и ги контролира поголем дел од медиумите кои денес во најголем дел еднострано и пристрасно известуваа, обидувајќи се да ги истакнат оние делови со кои Заев би бил задоволен, а да ги прикријат деловите во кои одбраната во многу делови го побил сведокот и тој тоа го признал или признал дека зборува без никакви докази и аргументи. Тоа нема да му помогне на Заев кој политички тоне и пропаѓа, особено сега кога народот полека се освестува гледајќи каков измамник и криминалец ја води и уништува Македонија, напипша Груевски.

Груевски избега во 2018 година, а со навршувањето на трите години во бегство на Груевски му истекува и азилот кој го доби од Унгарија. Односно, наскоро, државата во која е гостин, повторно ќе мора да се одлучи дали и понатаму ќе му обезбеди прибежиште. Но, не се очекува изненадување, односно прогнозите се дека екс премиерот и понатаму ќе продолжи да живее во Будимпешта. Тој неодамна регистрираше и фирма со широка деловна активност во малото гратче Пецел, кое се наоѓа на дваесетина километри од унгарската престолнина.

Груевски, во 2018 година, откако претходно си ги испразни банкарските сметки, со 120.000 евра, избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Рутата за бегство му беше преку Албанија, Црна Гора и Србија, со крајна дестинација Унгарија.

В.В.

Поврзани новости