Груевски не им се јавил на адвокатите, ќе добие бранител по службена должност за „Талир 2“

by fokus

Поранешниот премиер Никола Груевски на судењето за случајот „Талир 2“ ќе добие адвокат по службена должност, бидејќи неговите досегашни правни застапници Донче Наков и Еленко Миланов, не добиле нови полномошна.

Адвокатот Наков на минатото рочиште истакна дека тој мора да го контактира својот клинет за тоа дали и понатаму може да го застапува, бидејќи предметот откако преминал во редовното обвинителство добил нов број за што тој немал полномошно.

На денешното рочиште судијката Даниела Алексовска Стојановска го прочита писмениот поднесок на адвокатот, во кој пишува дека адвокатот нема остварено контакт со првообвинетиот Груевски. Поточно нема потврда дека и понатаму му е адвокат и затоа не може повеќе да го застапува. Судијката додаде дека ќе го извести претседателот на судот на Груевски да му постави бранител по службена должност.

Во „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање политички партии и Законот за облигациони односи.

Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.

В.В.

Поврзани новости