Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бара неговата секретарка да им наложи на сите пратеници да се појават во собрание да обезбедат кворум и да гласаат за хашките случаи, дури и министрите кои по парламентарните избори во 2011 година беа пратеници, се слуша во еден од разговорите што ги објави опозицискиот лидер Зоран Заев.
Во друг разговор, министрите Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески смислуваат изговори како да го избегнат гласањето, па Јанкулоска вели дека ќе се појави но ќе излезе од гласање, додека Ставрески истакнува дека се оправдал дека го чува детето. Сепак, по налог на Груевски, тие велат дека ќе се појават во парламентот, иако, како што нагласи Заев, на крајкот сепак не присуствувале, односно не гласале.
Во разговор со спикерот Трајко Велјановски, пак, Јанкуловска ги ословува пратениците како „индијанци“ и додава дека Мартин Протоѓер треба да ги повика на состанок и да ги истретира, зашто многумина од нив за прв пат станале пратеници и прва работна задача треба да им бидат токму хашките случаи.