Поранешниот претседател Никола Груевски вечерва преку Фејсбук се заблагодари на сите кои му испратиле честитки по повод Св. Никола. Во еден дел од долгиот статус, се потсети и на неговиот вујко, Јордан Мијалков.
-Денешниот ден 19 Декември секогаш ќе го памтам и по трагичната смрт и во крајно сомнителна сообраќајна несреќа со многу неразјаснети околности, на мојот вујко Јордан Мијалков, прв министер за внатрешни работи на Република Македонија во владата на Никола Кљусев, напиша Груевски.
Според него, Јордан бил еден од најголемите македонски патриоти кои било кога ги запознал во својот живот. Тој е првиот човек од кого уште како дете кон крајот на седумдесетите години и во текот на осумдесетите ги слушнал зборовите “независна Македонија” и поривот за тоа.
-Се сеќавам еден летен ден во 1991 год се јави по телефон од МВР и побара да му однесам нешто од дома.
За кратко бев таму. Низ градот, пред Собранието, Владата, МРТВ и уште неколку клучни објекти веќе имаше поставено некакви борбени возила со кои тогаш располагаше полицијата, а полицајците наоколу невообичаено стоеја со автоматско оружје.
Само што влегов во неговата канцеларија ме замоли да излеземе од зградата, па тогаш и сватив зошто всушност ме викна. Надвор ме шокираше кога тивко ми кажа: “ти кажувам во најголема доверба и не смееш никому да кажеш. Имам информација дека можно е вечерва, или деновиве да има државен удар во Македонија. Ако умрам сакам да знаеш и да пренесеш – во Штип да ме закопаат!”, пишува Груевски.
Продолжува дека подоцна тие денови дознал дека премиерот и неколку министри ги распоредувал да преспиваат на непознати локации за ЈНА.
-Тој државен удар кој веројатно ЈНА го планираше, за среќа не се случи. Но, неколку месеци подоцна се случи неговото загинување во крајно сомнителна сообраќајна несреќа помеѓу Врање и Бујановац. Иако ја пренесов неговата желба, во тој хаос кога ја примивме трагичната вест, сепак беше закопан во Скопје, напиша Груевски.