Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со партиска делегација утринава во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во Брисел ќе се сретне со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, јави дописникот на МИА од Брисел.
Во рамки на неговата тридневна посета на европската престолнина, Груевски синоќа во Европскиот парламент се сретна со претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), Дејвид Мекалистер, а потоа и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
– Укажав дека е време да се најде начин да и се помогне на Македонија да ги почне преговорите. Не да говориме за одмрзнување на препораки и слично, туку за почеток преговорите, отворање на поглавја и завршување на тие преговори, што ќе заврши со членство на Македонија во Европската унија. Од тој аспект, јас укажав дека ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени во македонскиот парламент да дадеме поддршка за се што ќе процениме дека ќе биде од корист за граѓаните и за државата. Нормално е дека како опозиција и ќе го критикуваме тоа што ќе дојде, а што ќе сметаме дека можеби не е најдобро срочено и обмислено – изјави синоќа Груевски.