Груевски: Може некој да каже дека ми чува и 1000 овци и 2 коња, а не само три стана!

by fokus

По денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, со нов фејсбук статус повторно се јави бегалецот од Будимпешта, екс премиерот Никола Груевски.

Како и секогаш, повторно вели дека тој не е виновен, а другите се пазарат, особено по исказот на бизнисменот Орце Камчев и сведочењето на неговиот зет Мето Стојчевски, кои кажаа дека му чуваат три луксузни стана во Панорама, во замена за плацевите на Водно.

-Јас немам против Јордан (Орце) Камчев – не станови во вредност од 1,3 милиони евра, туку и 5 милиони евра да им даде, ако сака и болницата и банката нека им ги даде за да си ја купи слободата, но нека не ме меша мене таму каде знае дека не сум имал ништо и нека не им ги потврдува лажните конструкции со кои власта која врши политички прогон против мене по секоја цена сака да ме прогласи виновен, за нешто со што немам никаква допирна точка, напиша Груевски.

Тој додава дека во последен момент смислиле нова монструозна конструкција против него.

-Според конструкцијата, Орце Камчев се согласил да жртвува негов имот од зграда која тој ја градел, вреден отприлика колку цената на земјиштето, односно износ околу 1,3 милиони евра за кое без никаков основ ме теретат дека било мое и дека Камчев го купил само затоа што Ристо Новачевски му кажал дека било мое.

Ова со цел, освен што би ме осудиле, власта да може да каже дека “бројчаникот почнал да врти” а тие почнале да ги враќаат “парите на граѓаните” кои всушност се пари на Орце Камчев со кои пари сака да се извлечи од овој прогон, односно да ја купи својата слобода (ако се само тие пари со кои ќе си купува слобода од прогонот), вели Груевски.

Тој прашува како е можно некој да му чува станови, а тој да не знае за тоа.

-Може некој кој ги има да каже дека ми чува 1000 овци, 2 коња, три возила и две куќи, а неговиот шура да каже дека тој се договорил со некој мој поранешен кум или другар. Каква е оваа лакрдија? Ова личи на шала, а не на сериозен судски предмет, заклучува Груевски.

Поврзани новости