Поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна во Унгарија во ноември 2018 година, според правилата за патување на малолетни лица, може да си ги види ќерките Анастасија и Софија единствено доколку нивната мајка Боркица патува со нив во Будимпешта.
Без присуство на родител, на малолетниците им е дозволено патување во странство единствено со писмена согласност од двајцата родители, заверена од МВР или нотар, односно од Државното конзуларно претставништво на Македонија во странство.
Според актуелните закони, ако малолетно лице патува во странство или се враќа од странство во присуство на родител или старател не е потребно да има одобрение за неговото патување, со оглед на тоа дека за детето да добие патна исправа потребно е присуство на двајцата родители, се смета дека со тоа двајцата дале согласност детето да патува во странство и само со еден од нив.
Во времето кога побегна во Будимпешта, за да го избегне извршувањето на затворската казна, Груевски ги остави во станот во Скопје сопругата Боркица и ќерките Анастасија, која во тој период имаше 11 години, и помалата Софија, која тогаш имаше осум години. Девојчињата тогаш беа ученички во шесто и трето одделение.
Тој живее во Унгарија речиси четири години, но нема информации дали сопругата и ќерките го посетуваат. На социјалните мрежи во неколку наврати се објавија негови фотографии од средби со пријатели и поддржувачи кои му дошле во посета, но детали околу тоа кога тој последен пат ги видел своите деца, кои се сега веќе на возраст од 15 и 12 години – нема.
Тие самите, без присуство на нивната мајка ќе можат да го посетат дури по три, односно шест години.
Иако во периодот откако живее во Будимпешта, Груевски е доста активен на социјалните мрежи и објавува долги политички статуси, сепак не се случило да ги спомне децата и сопругата. Како ја доживува разделеноста со семејството, дали и колку често ги гледа, и дали бегството беше вредно за да живее разделен од најблиските, не спомнува и ја чува приватноста за себе.
Единствен пат кога ги спомна, беше само неколку месеци по бегството, во мај 2019 година, кога ја издаде својата книга ,,Искуства за иднината“ која им ја посвети на ќерките.
Книгата е всушност неговиот докторски труд на тема: ,,Економските ефекти на различните видови на меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“ одбранет во јули 2018 година на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Неколку месеци пред да побегне од Македонија, за време на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, тој изјави дека поради партијата ги запоставил децата и семејството.
Последните информации за неговиот живот во Унгарија беа објавени лани, во месец јули, а се однесуваа на неговите бизнис активности.
Имено, како што објави DW, тој регистрирал фирма во малото градче Пецел, во близина на Будимпешта, а според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, побарал и добил одобрение да почне бизнис со фирма.
Според документите, неговата фирма може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење, трговија на големо со храна, пијалоци и тутун, како и со други разновидни стоки. Регистрацијата на фирмата го чинела 8.350 евра.
Не е познато каде и со кого живее, бидејќи при регистрирањето на фирмата, тој не ја приложил својата адреса, туку онаа на неговиот адвокат, најверојатно поради безбедносни причини.
Вики Клинчарова