Груевски може да ќари уште некој ден на слобода

by fokus

Откако екс премиерот Никола Груевски денеска по завршување на рочиштето за случајот “Титаник” го доби решението на судијата за извршување на санкции според кое не му се одложува издржувањето на затворската казна и дека на 8 ноември треба да оди во затворот “Скопје”, Груевски сепак може за неколку дена да го пролонгира овој рок.

Поточно тој сега има право на жалба до Кривичниот совет, која треба да ја поднесе во рок од три дена, или најдоцна до четврток, 8 ноември. Со поднесувањето на жалбата автоматски му се одложува извршувањето на казната и тоа во зависност од времето потребно Кривичниот совет да ја донесе одлуката, но кое е ограничено на три дена. Ова се црпи од член 91 од Законот за извршување на санкциите.

“…Жалбата го одлага извршувањето на казната”, пишува во член 91.

Сепак, во истиот член е наведено и дека Кривичниот совет е должен да донесе решение по жалба во рок од три дена, што значи доколку Груевски жалбата ја поднесе во четврток, тие мораат да одлучат најдоцна до понеделник,  12 ноември. Доколку и тие го одбијат одложувањето на казната Груевски ќе мора да оди зад решетки.

Груевски спасот го бара и во Врховниот суд, но од таму се уште не можат да постапуваат бидејќи предметот се уште е во Кривичиот суд. Дури откако ќе го добијат, СЈО ќе има рок од 15 дена да се произнесе за барањето на Груевски.

Екс премиерот на двегодишна затворска казна беше осуден за предметот “Тенк”, односно набавката на мерцедесот од 580.000 евра.

В.В.

Поврзани новости