ВМРО – ДПМНЕ конечно призна дека ги продале гласовите на Македонците на последните избори на локално ниво. Во обид да испрати заканувачки пораки, партијата на Груевски вчера објави дека ДУИ нема да ја добие нивната поддршка на престојните локалните избори, откако партијата на Ахмети почна разговори за мандаторот за новата влада со лидерот на СДСМ Зоран Заев.
По вчерашната средба на Никола Груевски, Никола Попоски и Никола Тодоров со амбасадорот на Република Франција Кристијан Тимоние излезе соопштение во кое ВМРО – ДПМНЕ отворено ја признава својата улога во победата на ДУИ на локалните избори во 2013 година:
„На минатите локални избори беше сериозен предизвик ДУИ да победи во одредени за нив стратешки општини и добро се сеќаваме на улогата на ВМРО-ДПМНЕ на тие избори во одредени општини во поглед на дадената поддршка, но тоа сепак е работа на ДУИ. Ќе дојдат локалните избори и ќе се види дали им била добра проценката“, тврди ВМРО – ДПМНЕ.
Професорот Јове Кекеновски во изјава за „Фокус“ вели дека „со завчерашното соопштение на ДПМНЕ со кое упатуваат јавна закана и опомена кон ДУИ, доколку не коалицираат со нив нема да ја имаат нивната поддршка на локалните избори, партиската врхушна на ДПМНЕ конечно јавно призна и ја обелодени својата предавничка политика и улога во разградувањето на државата.“
„Со оваа паднаа во вода сите досегашни лаги и манипулации на ова безочно и апатриотско раководство на кои најмила им е функцијата и полниот џеб. Со ова самопризнание на сите ни стана јасно дека Кичево и кичевчани биле продадени и предадени од квази патриотите на чело со Груевски, кои едно говореа во јавноста, а друго работеле во позадина. Едноставно многу помил и подраг им бил коалицискиот партнер ДУИ и Фатмир Дехари, отколу Македонците во општина Кичево“, вели професорот Јове Кекеновски.
Според него станува се појасно дека вакви нечесни игри на сметка и на грбот на гласачите Македонци се случувале и во Гостивар, Тетово, но и во Струга и во Чаир.
„Приказните за наводно големиот број на дојдени албански иселеници за време на гласањето сега падна во вода, бидејќи за нив по се изгледа дека гласала ,,долгата рака на нововмровците” по налог на озлогласеното, предавниичко, субверзивно и анационално раководство на ДПМНЕ“, додава Кекеновски.
Груевски по победата на Фатмир Дехари на изборите во 2013 година, со патриотски приказни ги смируваше Македонците на протестите во Кичево , кои по поразот на нивниот кандидат за градоначалник се обидуваа да го сочуваат македонското знаме на јарболот кај железничката станица, за кое имаше обиди да биде симнато.