Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на годишната конференција на партиската Унија на млади сили во Охрид, вечерва изјави дека партијата во следниот период ќе се реорганизира со цел да победи на локалните избори, по кои ќе победи и на предвремени парламентарни избори.
-Ќе ги зацврстиме и збиеме нашите редови, ќе се преброиме и прочистиме, и ќе го изанализираме нашето работење и нашите пропусти и грешки, но и нашите добри политики и исправни одлуки кои треба да продолжат, ќе развиеме нови идеи и програми за развој на Македонија, ќе продолжиме да се бориме за Македонија и за подобар живот во неа и од сегашната позиција, и повторно со победа ќе се вратиме на чело на државата. Нивните напори да не девалвираат, да не омаловажат, да не понижат, да не клеветат и обвинуваат, да не скршат и поделат, да не ослабат и прикажат во лошо светло ќе завршат без успех. ВМРО е создадена некогаш во илегала а подоцна во опозиција, и во такви услови знае како да стане повторно победник и да ја придвижи Македонија – порача Груевски.