Поранешниот премиер Никола Груевски на следните рочишта за случајот „Талир 2“ ќе го бранат двајца адвокати по службена должност. Неговите досегашни правни застапници Донче Наков и Еленко Миланов, не добиле нови полномошна, поради што одбраната на екс премиерот е во рацете на други бранители.
По барање на судијката Даниела Алексовска Стојановска, бидејќи предметот бил обемен, претседателот на судот Иван Џолев одобрил двајца бранители и тоа адвокатите Горан Кракински и Сашо Христовски Липски.
И кога беа создадени услови да почне главната расправа, на самиот почеток рочиштето се прекина бидејќи обвинетиот Кирил Божиновски дошол во судот без лична карта, поради што не можеше да му се утврди идентитетот. Судијката даде пауза Божиновски да ја донесе личната карта.
Во „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање политички партии и Законот за облигациони односи.
Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари.
В.В.