,,Ороводците” на проектот ,,Скопје 2014″ нема да одговараат кривично, иако денеска беше поднесено обвинение за случајот ,,Феникс”. Обвинителот Љубомир Лапе ја финишираше истрагата и поднесе обвинителен акт, но во него ги нема главните осомничени, односно екс премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска и поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова.
Поранешните политичари се спасија од судење бидејќи поради неодамнешните измени на Кривичниот законик нивното кривично дело ,,Злоупотреба на службената положба и овластување” застаре.
Предметот се однесува само на 11 споменици меѓу кои фонтаната со „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, потоа спомениците на „Цар Самуил“,, „Никола Карев“, споменикот на АСНОМ, лавовите на мостот Гоце Делчев и други.
Познат лик за јавноста, кој сега е првообвинет е Владимир Здравев, поранешниот претседател на Советот на општина Центар. Тој е обвинет за перење на пари.
-Според опишаните дејствија во диспозитивот на обвинението, во временскиот период од втората половина на 2008 година до крајот на 2022 година во Скопје, првообвинетиот за да прикрие дека поседува и располага со пари што потекнуваат од казниво дело и дека со нив создава нови приноси, како организатор, создал група што се занимава со перење на пари. Членови на групата меѓу другите станале и останатите четворица обвинети. Во состав на групата делувале и обвинетите правни лица меѓусебно капитално, персонално и финансиски поврзани. Во пет од обвинетите правни лица првообвинетиот се јавува како вистински сопственик, косопственик или управител. Преку поврзано и заедничко делување на членовите на групата со други домашни и странски физички и правни лица, обвинетите правни лица и нивните управители, со намера да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството во Република Северна Македонија и да ги помешаат со легалните приходи кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела, групата започнала да ги прима и пушта во оптек на различни начини – еден дел директно во нашата држава, а дел преку други држави кон Република Северна Македонија. Потоа со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот во државава и во странство и претворени во друг вид на имот или имотни права, a со цел да се прикрие нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување на нови користи (приноси) и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем на Република Северна Македонија, појаснија денеска од Обвинителството.
Валентина Вурмо
–