Груевски: Ќе градиме три студентски домови! СДСМ: Кого Лажеш?

by Фокус

Владата ќе инвестира изградба на три, на место еден студенски дом, како што беше најавено. Два од домовите ќе се градат во Скопје, на местото на поранешните бараки на домот „Медицинар“,   како и во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Направени се проценки дека има потреба да се изгради студенски дом и  кај Државниот универзитет во Тетово.

Ова денеска го најави премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање, при посетата на скопското село Нерези.

–  Практично излезе дека во Скопје веројатно ќе градиме два студенски дома, едниот на местото на сега веќе руинираните и затворени бараки на „Медицинар“. Таму ќе имаме студенски дом кој ќе има капацитет за 350 до 400 места за студенти, а во неговиот состав ќе има и спортска сала за студентите, читална, библиотека итн., рече Груевски.

Тој најави и дека за два до три дена ќе биде објавен  јавен повик за изведувач на реконструкцијата на Блокот А во  студенскиот дом „Гоце Делчев“. Тоа е втор блок што ќе се обновува откако претходно се заврши реконструкцијата на Блокот Б.

– Таму етапно си тече реконструкцијата онака како што имаме дадено ветување, изјави Груевски, при посетата на село Нерези.

СДСМ реагираше со соопштение во кое се вели:

„Зарем Никола Груевски, човекот којшто во изминатите 10 години не изгради ниту еден студентски дом, денеска најавува изградба на нови 3 студентски домови?

Студентите, младите, граѓаните се чудат што слушаат. Вакво потценување на интелегенцијата на младите од страна на Груевски одамна не било забележано.

Истиот Никола Груевски кој не направи ништо за студентите денеска рече дека во изминатите 10 години барал локација за изградба на студентски домови.

Ако Груевски 10 години барал локација колку ли години ќе му требаат за да изгради нов студентски дом?

Груевски во изминатите 10 години не само што нема изградено ниту еден студентски дом туку за овој период реконструирани се само 200 студентски легла во домот Стив Наумов кој сместува 2.000 студенти.

Иста е ситуацијата и со студетскиот дом Гоце Делчев, со капацитет од 1.200 легла, каде што реконстриурани се само 140 легла, односно помалку од 10% од вкупниот број.

Кого лаже Груевски не знаеме но едно е факт, студетните и младите не му веруваат“, се вели во соопштението на СДСМ.

Поврзани новости