Груевски: Јанакиески и обвинетите во „27 април“ добиваа непристојни понуди за да сведочат лажно против други!

by fokus

Бегалецот Никола Груевски, во својот денешен фејсбук статус, зборува и за некакви наводни понуди за спогодба, кои ги добивале дел од обвинетите поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и екс министерот Миле Јанакиески, дел од осудените за „27 април“, но како што вели и самиот тој.

-Настрана што дел од нив јавно ме критикуваа, тие покажаа неверојатна цврстина, висок морал и силен интегритет бидејќи под многу уцени, закани, притисоци, изживувања кои се уште траат, закани по нивното здравје и живот, уништување на нивните семејства, неприфатија валкани непристојни понуди за кои нашироко се зборува, со цел од нив да изнудат лажни изјави за други луѓе неправедно да се обвинат, а за возврат тие да добијат олеснување. Таква тортура со истовремено такви понуди можат да издржат само вистински патриоти – идеалисти. Тоа е за почит, напиша Груевски.

Тој вели дека такви понуди добивал и неговиот некогашен најблизок соработник, Миле Јанакиески.

-Непристојни понуди добиваше и Миле Јанакиески, но и други неправедно обвинети уште додека бев во Македонија. Таква понуда добив и јас, за што говорев во едно неодамнешно интервју. Таков приод имаа и се уште имаат и кон повеќе други луѓе под прогон. Еден ден се ова ќе се знае во детали, што од архивите, што од лични сведочења, вели Груевски.

Бегалецот од Будимпешта посвети внимание и на СЈО.

-Така е и со сите од случаите на СЈО. Со селективно избрани и едитирани снимки кои по закон се нелегални докази бидејќи нелегално се прибавени и не им се утврди со вештачење целовитоста и автентичноста, местат, судат и осудуваат како државата, судот и обвинителството да е на татко им и забораваат дека кога ќе паднат, сите, и наредбодавателите и извршителите ќе одговараат за овие злодела, се закани Груевски.

Поврзани новости