Премиерот Никола Груевски и опозицискиот лидер Зоран Заев синоќа во Стразбур воделе десетчасовна искрена дискусија, соопштија еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, кои посредуваат меѓу македонските лидери со цел надминување на длабоката политичка криза.
„Пратениците и комесарот ги поздравуваат напорите на лидерите на партии да работат кон договор во интерес на сите граѓани на земјата и да се решат предизвиците кои произлегуваат од кризата во согласност со европските стандарди. Партиите ја потврдија нивната определба за ЕУ интеграција и демократските принципи и се согласија дека на прво место мораат да ги стават интересите на земјата“, стои во соопштението.
Во него уште се наведува дека овие разговори помеѓу лидерите ќе продолжат, а за 26 мај е закажана трета лидерска средба со Клубот на пратеници, на која уште ќе присуствуваат лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, додека во улога на олеснувачи ќе бидат американскиот амбсадор Џес Бејли, како и евроамбасадорот Аиво Орав.