Специјалното јавно обвинителство ја покрена третата истрага против десет физички и четири правни лица за изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица, каде што тендерот го доби грчката фирма „Актор“.
Поранешниот претседател на Владата, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески се осомничени за злоупотреби при доделување на тендерот за изградба на автопатот.
При зделката, „Актор“ се здобил со добивка од повеќе од 7 милиони евра.
На тендерот учествувала и фирма од Италија, која по налог на првоосомничениот Груевски, не била избрана зашто била поврзана со „комуњарите“. Италијанската фирма имала најниска понуда.
„Оваа истрага се отвора за сомневање за перење на пари. Постои сомнение дека во 2012 година кога се оценувале понудите, првоосомничениот Никола Груевски го искористил своето влијание и не дозволил понудувач од Италија, „Тото“ да биде избран на тендерот“. Јанакиески ги повикал во својот кабинет да ја фаворизираат фирмата Актор од Грција. Иако биле свесни дека Актор не ги задоволува техничките критериуми, се соогласиле со барањето со што го злоупотребиле институтот на мнозинско избирање и дале позитивен одговор за оваа фирма – истакна обвинителката Фатиме Фетаи.
Таа додава дека од Актор кон други правни субјекти биле исплатени 31.856.811 евра.
„За илустрација, некој работник добивал од 6 до 7 илјади евра, а некој што бил прекваликуван добивал и повеќе. На вработени им бил исплатени 1.173.000 во денарска противвредност и во ист момент биле подигнати во готовина – додава Фетаи.