Средбата на политичките лидери со високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, предмалку заврши, а шефицата на европската дипломатија се упати во посета на претседателот Ѓорге Иванов.
На излегување од Собранието, Никола Груевски и Али Ахмети си заминаа без изјава, ниту коментар за тоа што се разговарало со Могерини.
Лидерот на СДСМ пак, Зоран Заев, посетата на Могерини ја оцени како сериозна поддршка за европските перспективи на Македонија. Лидерот на СДСМ уште еднаш апелираше, претседателот да ја преиспита одлуката да не го даде мандатот за состав на влада, бидејќи како што рече, со тоа ја гази волјата на мнозинството.
-67-те мандати се нормален демократски основ за давање мандат за обид за формирање на влада. Од тука и очекувањето на ЕУ е дека наредната влада доколку покаже резултат во посветеноста на реформите ЕУ преку своите институции ќе има повеќе причини да се посвети на забрзување на процесите за отпочнување на преговори на Македонија за полноправно членство во Унијата – рече претседателот на СДСМ.
Заев порача дека остануваат посветени на изнаоѓање брзи, но мудри одлуки, бидејќи тоа го очекувале граѓаните, но и ЕУ.