По повод пет години од 27 Април, кога толпа луѓе упаднаа во парламентот, што следуваше откако тогашниот премиер Никола Груевски јавно порача дека од дома по папучи не се брани држава, се огласи токму Груевски, истакнувајќи дека поради овој случај многумина, според него, се лажно осудени.
„За лицата кои се под политички прогон, кои се со лажна кавалификација осудени на долги затворски казни, чии првични пресуди за насилство за еден дел од нив кои главно беа со условни казни, по политичка директива ги поништија и ги преиначија во тероризам, ова е неправедно уништување на нивните животни судбини, брутален политички прогон, изживување и огромна неправда. Дел од нив немаат никаква вина, а дел имаат лажна квалификација и ако немаше политички прогон ниту еден од нив денес немаше неправедно да е во затвор“, напиша Груевски на фејсбук.
Воедно, тој го прокоментира и случајот ТНТ, обвинувајќи го некогашниот соработник Миле Јанакиевски дека се испазарил.
„Од денес промена. Јанакиески веќе не е поттикнувач. Иако и тој нема вина, се испазарил, како и во Титаник на моја и на штета на другите обвинети, по оној нивни принцип – помогни ни и ние ќе ти помогнеме тебе, што беше и причина зошто е ставен во обвинението. Јас останувам поттикнувач иако премиер нема никаква ингеренција во општина и најважно – меѓу мене и било кој друг од горе споменатите немаат апсолутно никаков контакт, ни разговор, ни писмено нешто, ни ништо“, напиша Груевски.