Над 200 СМС-пораки, комуникација меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески со поранешниот премиер Никола Груевски, со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, како и со соработници, денеска беа презентирани во Кривичниот суд во Скопје во предметот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство.
Во порака од 22 февруари 2013 година, Јанакиески го известува Пешевски дека е готов договорот и му кажува „со среќа нека ни е“. Го известува дека се подготвени и двата закона за патиштата.
-Сега треба Ставрески и шефот за пари оти Љупчо нема пари, пишува во СМС пораката на Јанакиески.
Во друга комуникација соговорниците говорат дека друга фирма дала понуда со рок од 1.368 дена иста како „Синохидро“ и цена „369“, и коментираат „очигледно дека некој им кажал“.
– Абе шпиони колку сакаш, пратен е договорот до „Ексим“ може и таму да им кажале. Плус од Кинеска амбасада. Утре рано треба да се видиме со Кинезов, пушти некој меил да склучиме договор со нивна фирма ќерка, пишува во презентираните пораки кои ги прочита обвинителката Лиле Стефановска.
Во порака од комуникацијата меѓу Јанакиески и Груевски, екс премиерот му вели дека на ручек со Кинеска амбасада бил присутен и Игор „Шема“ и кинескиот амбасадор кажал дека некоја кинеска компанија била заинтересирана да даде кредит за градење патишта.
– Да не не изненади ако Шема одржи прес со предлог-мерка до Владата да го направи тоа, му пишува Груевски на Миле.
Поранешниот министер за транспорт Јанакиески го известува Груевски дека компанијата која ја градела хидроцентралата „Козјак“ доставила понуда од 280 милиони за патот Миладиновци – Штип.
Груевски во една од пораките го кара Јанакиески зошто продолжува така да настапува. -Те гледам кај Јанко ги рушиш преговарачките позиции (за договорот за патиштата со Кинезите).
Миле се правда со образложение дека емисијат е стара. – По укажувањето од вас немам дадено ништо, пишува Јанкаиески во порака до Груевски.
Обвинителката Стефановска побара одложување на рочиштето за 22 ноември поради барање на одбраната да се наведат датумите на пораките, кои во моментот на презентацијата од СМС комуникацијата меѓу Јанакиевски и Бојан Белејковски, после 100-тата порака, наместо датум на комункација стоеше реден број.
Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски. Според обвинението на СЈО тие ги пречекориле овластувањата при изборот на компанија за изградбата на автопатските делници до Штип и Охрид.