Груевски до Мицкоски: Заев го направи пријател и сојузник, мене ме прогласи за непријател – мерете му го умот

by fokus

Мицкоски си ја исполни повеќегодишната желба да влезе во јавен конфликт и напади врз мене. Некој му кажал дека тоа ќе му биде во корист, пишува во последниот одговор до неговиот следбеник, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој открива дека провокациите од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не биле од вчера, но на последните не можело да не се одговори откако Мицкоски изнасилено си создал нов противник наместо да се заминава со власта.

Според Груевски, Мицкоски обвинува без никаков аргумент и си создава алиби за секоја идна намерна или ненамерна грешка и штетна одлука, алиби за идните изборни резултати.

-Јас знам, а и јавноста, дека со ниту еден збор или потег не сум направил раздор досега. Ако навистина сум планирал такво нешто, зошто не почекаа, да се види тоа, да направам нешто што ќе им биде поткрепа на тезите, а не од наводни озборувања и гласини да градат политики. Напротив, раздорот го направи тој со моето прогласување за нов непријател и жестокиот напад без да се даде најмала причина. Заев го направи најголем пријател и сојузник, мене кој цел живот го бранам националните, државните и партиските интереси, и само добрини сум му направил во животот ме прогласи за непријател. По ова мерете му го умот!, пишува Груевски.

Тој вели дека тој во континуитет го напаѓа СДСМ, а Мицкоски го напаѓа него.

-Потоа ја стави целата партиска машинерија во одбрана на неговите параноични, штетни и безсмислени чекори и политики. Токму тоа е “со сила” создавање раскол, растурање, а не нешто што сум направил јас. Јас во континуитет жестоко го напаѓам СДСМ. Мицковски ме нападна мене. Нели ви е нешто чудно тука? Се тоа може да му биде интересно до следните избори, кога оваа политика на создавање непријатели од луѓе кои го посветиле животот на партијата и каузата ќе ја следи од канцеларијата и ќе му одработува партиската машинерија која му ја оставив. Но, што потоа?, прашува Груевски во статусот.

Преписките следуваат откако Мицкоски го обвини Груевски дека создава раздор во партијата, по многубројните шпекулации кој со кого ги договарал измените на Кривичниот законик.

 

Поврзани новости