Иако на упатниот акт беше наведен датумот 8 ноември на кој екс премиерот Никола Груевски треба да се појави во истражниот затвор „Скопје“, за да одлежи две години затвор, сепак тој денеска нема да се упати кон населбата Шуто Оризари.
Во Кривичниот суд од вчера почнале да пристигаат поединечните жалби на сите адвокати од тимот на Груевски на одлуката на судијата за извршување санкции, кој одби да му го одложи издржувањето на казната. Денеска на адреса на судот треба да пристигне и личната жалба од Груевски, по што ќе почне да тече рокот од три дена во кој Кривичниот совет ќе треба да одлучи дали да му го одложи издржувањето на казната или да го упати кон Шутка.
Со поднесувањето на жалбата автоматски му се одложува извршувањето на казната и тоа во зависност од времето потребно Кривичниот совет да ја донесе одлуката, но кое е ограничено на три дена. Ова се црпи од член 91 од Законот за извршување на санкциите.
“…Жалбата го одлага извршувањето на казната”, пишува во член 91.
Сепак, во истиот член е наведено и дека Кривичниот совет е должен да донесе решение по жалба во рок од три дена, што значи дека мораат да одлучат најдоцна до понеделник, 12 ноември, но одлуката може да ја донесат и утре. Доколку и тие го одбијат одложувањето на казната Груевски ќе мора да оди зад решетки.
Груевски спасот го бара и во Врховниот суд, но од таму се уште не можат да постапуваат бидејќи предметот се уште е во Кривичиот суд. Дури откако ќе го добијат, СЈО ќе има рок од 15 дена да се произнесе за барањето на Груевски.
Екс премиерот на двегодишна затворска казна беше осуден за предметот “Тенк”, односно набавката на мерцедесот од 580.000 евра.
Валентина Вурмо