“Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има и народ понесреќен од Македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, одколку во Македонија…”, напиша поранешниот премиер Никола Груевски на својот Фејсбук профил.
Тој во својата објава додава:
– Ми беше јасно од многу информации кои ги добивав помеѓу 2014 и 2017 година. Покрај другото, јас имав непотврдена информација дека претендентот за премиер на Македонија во посетите на официјална Софија давал снимки од телефонски разговори на членови на македонската влада. Таа информација ми се потврди подоцна, мислам по изборите во 2016г., кога во еден разговор со еден бугарски европратеник во Брисел на која присуствуваа уште двајца мои соработници кои беа шокирани од она што го слушаа, истиот откако го пофали неговиот тогаш нов пријател, слично како денес што го фалат Пендаровски и кажувајќи дека е во редовна лична телефонска комуникација со него, не издржа и низ разговорот се пофали дека тие знаат се за нашите државни стратегии, планови, разговори и политики кон нив, бидејќи како што кажа, тој ги снабдил со мои и на моите соработници телефонски разговори по прашања поврзани и за кои би била заинтересирана Бугарија.
Дури и си дозволи да ми раскажува што на таков начин дознале, но деталите за ова во друга прилика. Како во еден таков миг, човек да не се потсети на една позната мисла на Гоце Делчев од писмото до Никола Малешевски од 1897 година каде вели: “Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствта на своите синови-изроди, како Македонскиот.” Во себе си помислив дека со години наивно сум верувал дека ваквите ликови и чинови, се дел само од македонската историја кога сеуште сме немале држава и што се овој човек е спремен да направи за да дојде до власт, моќ, влијание и пари.
Јасно беше што нашиот сосед бараше од нас и не беше тешко да се претпостави на што тој се обврзал штом влегол во една таква соработничка операција.
Претпоставувам дека истото го направил и со соседна Грција каде исто така беше чест посетител во таа година кога освен низ главниот, некогаш границата ја минуваше сам на спореден граничен премин, а подоцна слушнав и скриен по багажници.Тоа беше време кога на Грците веќе почна да им станува јасно дека наскоро можеби ќе добијат “бинго” какво што не сонувале. Мислам дека тој не беше единствен кој во тоа време границата ја минуваше на невообичаен начин. Бев информиран, а мислам и некои медиуми во тоа време го објавија тоа, дека и денешниот негов потпретседател во владата кој во зенитот на преговорите за името направи спектакуларна милионска продажба на својата фирма на државна грчка компанија, во некои специјални прилики со актовка со себе, границата ја минуваше пеш, без возило. Имајќи ја во обзир неговата имотна состојба, сигурен сум дека мотивите за тоа не беа од социјална природа.