Поранешниот премиер, а сега азилант во Унгарија, Никола Груевски упати честититка по повод 11 Октомври, за кој рече дека симболично го означува почетокот на отпорот против фашизмот и Народноослободителната борба во Македонија, која резултираше со триумф на 2 ти август 1944 година со втемелувањето на државноста во форма на Република, во рамките на Југословенската федерација.
-Периодот на партизанската епопеја по кој Македонија и Македонците го реализираа својот вековен стремеж и сон на многу претходни генерации борци и жртви за слободата на Македонија. Во ова време на брутално и бескомпромисно негирање и прогласување за фалсификат на постоењето на македонскиот јазик, нација и особено посебноста како народ различен од бугарскиот пред 1944 година, денешниот наш празник од нашиот источен сосед за жал не само што се интерпретира поинаку, туку во духот на договорот за пријателство, се бара 11 Октомври да го означува почетокот на граѓанската војна помеѓу двете идеолошко спротиставени страни на бугарското население во Македонија, а кои по војната со сила и терор биле помакедончени. Да се надеваме дека овој период на опседнатост со нас Македонците и со нашата историја ќе заврши што побрзо и двете држави заеднички, а не само Македонија, ќе се свртиме кон иднината и соработката, без меѓусебни негирања и навреди, напиша Груевски.