Груевски бара „бомбите“ да одекнат и во судница

by fokus

Двете „бомби“, односно два телефонски разговори помеѓу екс премиерот Никола Груевски и бизнисменот Орце Камчев, кои беа објавени во медиумите, Груевски бара да бидат изведени како доказ на судењето за случајот „Плацевите на Водно“.

Ова ја разрешува дилемата за тоа кој ги снимал разговорите, односно упатува дека снимките ги направил Груевски, и преку својот адвокат ги доставува до судот. Денеска треба да се почека одлуката на судот, но голема е шансата „бомбите“ воопшто да не одекнат во судница, бидејќи се снимени нелагално. Сепак, судот може да процени и поинаку.

Како што е познато, покрај бегалецот Груевски и Камчев е меѓу обвинетите, бидејќи, според обвинителството, преку купопродажба учествувал во затскривање на трагите дека овој имот всушност е на Груевски. На последните рочишта, Камчев призна дека плацевите биле на Груевски, кој, според Камчев, потоа постигнал договор да ги трампа за 3 ексклузивни станови во комплексот Панорама.

Сега пак со „бомбите“ Груевски се обидува да докаже дека Камчев лажел во својата одбрана. По содржината на нивниот муабет, може да се заклучи дека разговорите се водени додека трае истрагата. Тогаш Груевски го испрашува Камчев за исказот што го дал пред обвинителството, а тој го уверува дека тој не може да биде инволвиран во случајот.

-Груевски џабе го спомнувате во оваа работа… Навистина никој те нема спомнато во изјавите. Освен Ристе (Новачевски), никој друг нема… Кога јас и ти сме зборувале за плацеви и за оваа работа? Никогаш во живот. Епа што да ти кажам Никола, ако треба да лажам, да зборам дека си ми кажал нешто“, говори Камчев.

Точно е дека од стартот на судењето бизнисменот Камчев тврдеше дека никогаш со Груевски не разговарал за плацеви. Тој тоа го повтори и неодамна, кога ја даваше одбраната, но појасни дека за плацевите тогашниот премиер Груевски разговарал со неговата сестра.

„Јас со Груевски немав контакт тогаш и мојата сестра контактираше приватно со него. Во тие денови ми кажа дека земјиштето што го поседува Сирах, ја прашал Груевски, дали може да го купиме. Размислив што да правиме, познавајќи го и неговиот карактер на осветољубивост, одлучивме земјиштето да го купиме“, истакна бизнисменот.

Потоа, како што рече Камчев, добиле порака преку неговата сестра дека една локација треба да се задржи, а за другите зошто биле многу компромитирани во јавност, а не вределе колку што биле платени, да се размисли Груевски да добие адвекатен имот во соодветен износ, за да се надомести.

Овој случај влегува во завршница. По презентирањето на дополнителните докази, ќе следуваат завршни зборови, а потоа и пресуда.

В.В.

Поврзани новости