Груевистичкото примитивно разбирање на демократијата

by Фокус

11791714_991418427588016_1952221803_nИ Хитлер победи на изборите во 1933 година, а Северна Кореја има речиси 100 отсто излезеност на избори и му дава апсолутна поддршка на Ким Јонг Ун, но и нацистичка Германија и Северна Кореја се далеку од демократскиот идеал токму поради тоа што својата легитимност ја базираат единствено врз победата на изборите.

Пишува: Драган АЛЧИНОВ

До пред речиси еден месец, македонската политичка реалност се соочуваше со една парадоксална појава. Имено, две групи граѓани цели 60 дена протестираа пред двете водечки политички институции во земјата- една група протестираше пред зградата на Владата, а друга група граѓани протестираше пред зградата на Собранието.

Обете групи изјавуваа дека се борат за демократија. Обете групи беа лоцирани во Скопје, на мала оддалеченост една од друга. Но, иако обете велеа дека се залагаат за демократија и иако беа физички блиску една до друга, сепак не ги обединија своите напори. И овде се наоѓа парадоксалноста на таа појава: зошто овие две групи граѓани загрижени за демократијата не се обединија?

ГЛОРИФИЦИРАЊЕ НА МНОЗИНСКАТА ДЕМОКРАТИЈА

Дефинитивно најсилниот одговор на ова прашање е дека обете групи граѓани кои протестираа беа во служба на двете најголеми партии. Едната група во служба на ДПМНЕ, а другата група во служба на здружената опозиција предводена од СДСМ. Непомирливоста меѓу власта и опозицијата беше главната причина поради која двете групи граѓани не ги здружија своите напори.

Но, ако само за момент го апстрахираме партиското раководење со протестите и загледаме малку подлабоко ќе видиме дека обете групи беа силно убедени дека тие се залагаат за демократија. Да видиме како тие ја разбираат демократијата.

Групата протестирачи пред Собранието се залагаше за почитување на правото на глас и почитување на резултатите од Парламентарните избори од 2014 година.

Според нивното сфаќање на демократијата, победникот на изборите владее со земјата независно од интересите на другите политички чинители. Глорифицирајќи го принципот на мнозинската демократија, тие забораваат на другите основни постулати на модерната демократска држава: човековите права и слободи, владеењето на правото, поделбата на власта, плурализмот, делиберацијата.

Групата протестирачи пред Владата, пак, бараше оставка од Владата и формирање техничка влада која би добила мандат да организира фер и слободни избори. За нив демократијата беше многу повеќе од чинот на гласање. Според нивното сфаќање, повикот за демократија е повик не за неограничено владеење на мнозинството над малцинството, туку за политички систем кој ги штити правата на граѓанинот и ги зема предвид интересите на сите.

ШТО Е ДЕМОКРАТИЈА?

Демократијата е модерната политичка догма и доминантна идеологија на денешницата. Речиси сите држави во светот тежнеат кон тоа да се претстават како демократски. Така и нашите две најголеми партии и нивните поддржувачи се декларираат како демократски. Во ситуација на длабока политичка криза, тие и обете тврдат дека токму тие се борат за зачувување односно воведување на демократијата. Но, што всушност е демократијата?

Навистина, дефинирањето на демократијата е централно и сложено прашање на политичката филозофија. Дали демократијата значи само владеење на партијата/коалицијата која добила мнозинство гласови на избори? Или, пак, демократијата значи еден систем на управување во кој свој израз ќе најдат и другите принципи и вредности покрај владеењето на мнозинството? Дали демократијата е само еден ден во четири години (денот на изборите) или, пак, демократијата е постојан процес?

Дали можеме да ставиме знак на еднаквост меѓу демократијата и изборите? Што ако мнозинството гласови на фер и слободни избори го добие партија која е фашистичка или расистичка или расположена за геноцид? Сепак и Хитлер победи на изборите во 1933 година, а Северна Кореја има речиси 100 отато излезеност на избори и му дава апсолутна поддршка на Ким Јонг Ун, но и нацистичка Германија и Северна Кореја се далеку од демократскиот идеал токму поради тоа што својата легитимност ја базираат единствено врз победата на изборите.

КАПРИЦИТЕ НА ВЛАДЕТЕЛОT

Начинот на кој Груевски и ДПМНЕ ја разбираат демократијата е простиот мнозински модел во кој победникот на изборите ја поседува државата, а граѓаните стануваат негови поданици. Не треба човек да се впушта во многу длабока анализа на неговите говори, постапки и политики за да заклучи дека Груевски и неговата партија својата легитимност и оправданост за секоја налудничава одлука ја темелат врз фактот дека нижат изборни победи од 2006 година наваму.

Не станува збор за инкорпорирање на никакви други принципи, туку за проста моќ облечена во наметката на изборниот легитимитет. Затоа нема простор за дискусии, компромиси, за инволвирање на опозицијата и граѓанскиот сектор во процесот на донесување одлуки.

,,Ние ја добивме власта и ќе правиме што сакаме’’- е главната максима на Груевски и неговата свита. Ваквата интерпретација на демократијата ја согледуваме и чувствуваме сите. Државата стана инструмент во рацете на власта за задоволување на каприците на владетелот и исполнување на неговите планови. Под фасадата на демократијата се кријат столбовите на авторитарниот систем на Груевски.

И додека опозицијата зборува за враќање на принципите на демократијата и слободата, Груевски постојано повторува дека на наредните избори граѓаните ќе ја препознаеле неговата успешност и повторно ќе му ја дале поддршката. Се чини дека не може или не сака да разбере дека демократијата не е само натпревар на политичките елити за освојување на власта, туку многу повеќе од тоа- систем во кој државата е во служба на граѓанинот.

РЕЖИМОТ ДОБИ ПРЕГОЛЕМ ПРОСТОР

Тој (и сите нему слични) мора да разбере дека помина времето на средновековните владетели, на апсолутистичките монархии и на тоталитарните режими од ерата на Студената војна. Модерното разбирање на државата е систем на обратна пирамида на чиј врв се граѓаните. Примарната цел на државата не е да служи на елитата собрана околу врховниот владетел, туку да ги заштити правата и слободите на граѓаните.

Примитивниот начин на кој Груевски ја разбира демократијата, надополнет со недостигот на демократска традиција во земјата, наследството на социјализмот, слабите институции, лошата економска состојба и конформизмот- се покажаа како плодна почва за развој на еден хибриден режим во кој авторитарното владеење преку одржување на формалната демократија доби легитимност.

Режимот доби и преголем простор за зацврстување на својата позиција за сметка на правата и слободите на граѓаните, оправдувајќи ја секоја своја политика со победата на изборите. На Република Македонија ѝ е потребна нова дефиниција на демократијата, обратна од дефиницијата на Груевизмот. Потребна ни е дефиниција на демократијата во која граѓанинот, а не победникот на изборите, ќе биде централната фигура на политичкиот систем.

Поврзани новости