„Со или без законските измени на осумте закони што се во собраниска процедура, автопатите на коридорите 8 и 10д ќе се градат, а наш интерес е да се гради побрзо и поевтино“.
Ова е пораката што денеска ја упати првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Груби додаде дека доколку работната недела на работниците што ќе работат на нивната изведба биде 60 часа неделно, како што бара изведувачот „Бехтел и Енка“, проектот ќе се реализира за 4,7 години и ќе чини поевтино, а доколку е 40 часа неделно – ќе трае над 6 години и ќе чини поскапо.
Не се работи за плаќање пенали доколку работното време не биде 60 часа, туку за побавна реализација на проектот, вели тој.
Според него, секаде каде што работеле „Бехтел и Енка“ работната недела била 60 часа.
– Наш интерес како држава е овие автопати да чинат помалку и да се реализираат побрзо. Токму од носењето на осумте закони зависи дали ќе се градат побрзо и поевтино или подолго и поскапо. Со нивното носење ќе се овозможи да се забрза експропријацијата и да се гради многу побрзо и поевтино, рече Груби на средба со новинарите.
Прецизираше дека договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ е класифициран на барање на конзорциумот и затоа не смеат да се објавуваат деталите.