Груби слободно ја поминал границата иако бил ставен на стоп -листа

by fokus

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, вчера легално ја напуштил државата на граничниот премин ,,Блаце”, поминувајќи на пасошка контрола, иако требало да биде спрречен бидејќи неговото име било ставено на стоп-листа, односно системот алармирал дека лицето треба да се запре и да не му се дозволи да излезе од државата.

Оваа информација денеска ја потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој одговарајќи на новинарско прашање рече дека на граничниот премин имало пропусти.

-Сторени се пропусти од страна на одредени полициски службеници од гранична полиција во текот на вчерашниот ден во утринските часови. За истите се води темелна истрага во моментов. Не би сакал да ја претпоставувам постапката од сегашен аспект, но ве уверувам дека за многу кратко време ќе бидете информирани, лично сметам дека таму не е постапено согласно правила и процедури на МВР и сметам дека е сторена голема грешка во рамки на работењето при вршење на задолжителни прегледи што требало да бидат извршени од излегување од Македонија во Косово на одредени лица, одговори Тошковски.

Министерот, без да спомене име, појасни дека лицето ја дало патната исправа на граничната полиција, таа му била вратена и истиот заминал за Косово.

Останува нејасно дали службеникот воопшто го внел пасошот во системот или, како што неофицијално се шпекулира, системот по краток застој, потребен за проверката, го вклучил алармот во моментот кога пасошот му бил вратен на Груби по што тој заминал.

Министерот Тошков го повика Груби да се врти во државата.

-Јавно упатувам порака да истиот се врати во Македонија, ако се уште не е вратен и да им овозможи на институциите соодветно да ја завршат оваа постапка со цел на крај да ја утврдиме правдата, рече тој.

Груби, кој е еден од осомничените за случајот ,,Лотарија”, вчера на фејсбук истакна дека е во приватна посета во Косово и дека не е во бегство. Сега, пак, по претресот во неговиот дом е неизвесно дали сепак тој ќе се врати назад како што јавно вети.

Поврзани новости