Тендерската постапка за прославата на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во вредност од 30 милиони денари беше транспаретна и заврши со позитивно мислење на Бирото за јавни набавки, вели првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби.
-Цената е таа, но не мора да значи дека тоа ќе го исплатиме на крај затоа што се работи за настани што ги организираме веќе еден месец, а ќе продолжат и по 13 август. Не се работи само за 13 август, туку за повеќе и ќе видиме на крај кои се трошоците, но секако овој трошок нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор, а тоа траен мир, инклузивно општество, земја во НАТО и со европска перспектива. Во тоа голем удел има и Охридскиот рамковен договор – рече Груби на Канал 5.
Инаку, во петок во Александар Палас ќе се одржи централната прослава по повод 20 години од Рамковниот договор, на која ќе присуствуваат гости од земјава и странство.