„Очекувам дека на крајот на оваа година официјален Брисел ќе ја врати безусловената препорака за Македонија“, изјави во Собранието на Република Македонија, Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, на средба со Амбасадорот на Албанија во Скопје, Фатос Река.
Груби и Река на средбата разговараа за политичката ситуација во земјата и во регионот, за системските реформи, како и Евро-атланската интеграција на Македонија.
На средбата се разговараше и за меѓусоседските односи, како и целосно спроведување на Охридскиот договор во согласност со Уставот на земјата во однос на јазична еднаквост.
Пратеникот Груби зборуваше за активностите во Собранието, како и околу обврските на Комисијата за европски прашања во насока на итно решавање на реформите.
Во овој поглед, Груби изрази задоволство дека Комисијата едногласно и со целосна согласност го усвои Заклучокот, Собранието да донесе Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за членство на Македонија во Европската Унија, што претставува столб и почетна точка на реформите.
Амбасадорот Река ја нагласи целосната поддршка за интегративните аспирации на Македонија и како сосед, членка на НАТО, ќе го поддржи патот на Скопје кон Брисел.