Груби нема пријавено Ауди во анкетниот лист

by fokus

Автомобил кој се поврзуваше со вицепремиерот Артан Груби ноќеска околу 3.30 часот беше запален во скопски Чаир. Според објавата на Груби, Аудито кое беше запалено било на негов пријател, а нападот бил насочен кон вицепремиерот.

-Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, му се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите, напиша Груби денеска.

Но, албанските медиуми кои први ја објавија веста за запалениот автомобил, возилото го поврзаа со Груби, иако и од МВР иницијалите на сопственикот на Аудито се различни од оние на вицепремиерот.

Се поставува прашањето кој е вистинскиот сопственик на возилото и зошто во текот на ноќта било паркирано пред станот на Груби доколку не е негово.

Во анкетниот лист на десната рака на Али Ахмети нема пријавено возило Ауди. Според анкетниот лист, возниот парк на Груби е само еден автомобил Цитроен Ксара, стар 22 години и со вредност од 1.000 евра.

К.С.Б.

ФОТО: ТВ 21

Поврзани новости