Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска ја прими втората доза на вакцината против Ковид 19.
По вакцинирањето во просториите на поликлиниката Чаир која служи и како ковид центар, Груби уште еднаш апелираше до сите граѓани да се пријават за вакцинација на веб-страницата на Министерството за здравство, vakcinacija.mk бидејќи само на овој начин ќе се постигне имунизација на целото наше население и во исто време ќе го поразиме овој вирус.
„Само што ја примив втората доза на анти КОВИД вакцината, се чувствувам добро и сакам да апелирам до сите граѓани на нашата земја да се пријават на порталот на Министерството за здравство, vakcinacija.mk со цел да си закажат термин и да бидат вакцинирани. Само вакцинацијата ни овозможува да се вратиме во нашиот вообичаен живот, затоа ве замолувам сите да бидете дел од придобивките на колективниот имунитет и враќањето во нормала“, истакна Груби.