Антикорупциската комисија на денешната седница констатираше дека првиот вицепремиер Артан Груби и уште други четворица именувани функционери присуствувале на партиски настан поврзан со локалните избори додека траело нивното работно време.
ДКСК упати иницијатива до претседателот на Владата и до лицето назначено како одговорно за следење на спроведување на Кодексот, со цел, да се поведе постапка за утврдување одговорност за овие лица.
Имено Фекми Јонузи, заменик-директор на КПУ Идризово, Абдул Селами, заменик – директор на УЈП, Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт и врски, Назим Буши, заменик-министер за внатрешни работи и Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, постапиле спротивно од Кодексот за етичко однесување за владините членови и носителите на јавни функции именувани од страна на Влада.
Овие лица според ДКСК во текот на работното време учествувале на настан на 22.09.2021 година поврзан со изградба на водоводна мрежа во скопското село Долно Количани, одржан за време на изборната кампања за Локалните избори 2021 година.