Пратениците на ДУИ, Артан Груби и Ејуп Алими, ја нарекоа скандалозна судската пресуда против осудените за убиството на Никола Саздовски Саздо, кои вчера беа осудени на по 18 години затвор. Од собраниската говорница Груби и Алими обвинуваа за селективна правда и корумпирано судство.
-Ова го вклучи алармот за интервенирање во судството и потребата од длабоки реформи во целиот судски систем. Со скандалозната судска пресуда се докажа селективната правда, било на етничка основа, верска, или партиска припадност. Се осудуваат дваца млади лица со по 19 години затвор, односно вкупно 38 години затвор, а убиецот на малиот Алмир во Куманово се осуди на само 6 години затвор и му се овозможи одбрана од слобода. Ако ова не е селективна правда, не знам што е – рече пратеникот Артан Груби.
Тој ги спомна и случаите „Сопот“ и „Монструм“ како примери за селективна правда, а за случаите од протестите во Ѓорче Петров, кога демонстранти палеа дуќани во сопственост на етнички Албанци, Груби потсети дека никој од осомничените не добил затворска казна.
Поради ова и поради настаните вчера во ИВЗ, Груби побара промена на дневниот ред на денешната седница.
Ејуп Алими, пак, побара половина час пауза за пратениците да се координираат.
-Вчера се казнија двајца луѓе, не сакам да навлезам во овие состојби, самото семејство на младото момче кажа живот на тоа дете нема да се врати, но јас мислам дека ова не е правда – рече Алими.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го прифати барањето за пауза од половина час.