Од ВМРО-ДПМНЕ се уште не објаснуваат која е разликата меѓу текстот на Законот за употреба на јазиците кој го прифатиле во ланските преговори пред да се формира владината коалиција, во споредба со веќе еднаш усвоениот Закон, против кој партијата поднесе над 35.000 амандмани.
Од таму тврдат дека не се работи за истиот текст, откако од ДУИ неколку пати изјавија дека нема разлика во текстовите. Од ВМРО-ДПМНЕ не се откажуваат од поднесените амандмани и порачуваат дека максимално ќе се спротивстават на какви било обиди за „шверцерско“ усвојување на законот, надвор од законските и деловнички процедури, пишува „Дојче веле“.
Според пратеникот на ДУИ, Артан Груби, истиот Закон, ВМРО-ДПМНЕ го прифатила на 29-ти јануари минатата година, кога течеа разговорите по парламентарните избори. На дебатната емисија на телевизија „Телма“ минатата недела Груби го кажа и тајмингот кога тоа се случило.
„Можам да го споредам со законот што го прифати и ВМРО-ДПМНЕ, ако сакате и член по член. Прифатен е на 29 јануари, во 13 и 30 часот – финалната верзија! Идентичен е. И затоа ми е нелогично, да не речам, лицемерно, да се употребува толку чувствителна тема за затворање на Охридскиот договор, на кој се потписници и ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ, и другите партии. Заеднички ги гласавме уставните амандмани. Македонија стана посилно општество со Охридскиот договор, со Државниот универзитет во Тетово, со Универзитетот Мајка Тереза, со законот за симболите, со законот за употребата на јазиците, со Албанците во администрацијата… Македонија стана посилна затоа што јас станав полојален граѓанин, а станав полојален граѓанин затоа што сум поеднаков граѓанин“, рече Груби.