Првиот вицепремиер Артан Груби тврди дека денес луѓе од Германија му понудиле 5 милиони вакцини.
-Секој ден ми се јавуваат луѓе за вакцини. Денес ми се јавија луѓе од Германија да ми понудат 5 милиони вакцини. Се јавуваат и од други земји. Сум имал контакти со доста луѓе. Ова станува трговија веќе, што не е добро. Јас не верувам во нарачки надвор од официјалните процедури. Ова е глобална пандемија. Затоа, да почекаме уште малку и вакцини ќе има – рече Груби на ТВ 21.
Тој посочи дека денеска се слушнал со министерот за здравство Венко Филипче кој го информирал дека на почетокот на месец април ќе пристигнат вакцини.
-Ми кажа дека почетокот на месец април ќе пристигнат 800 илјади вакцини од Ковакс системот, и 200 илјади од Кина наредните денови. Со компанијата Фајзер сме во постојана комуникација, а во процедура сме и со Спутник. Има директни контакти – нагласи Груби.