Груби бара општествен ветинг, а не лов на вештерки и партиска пропаганда

by fokus

Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем не е само усвојување на закони или избор на раководни лица, туку е потребен целосно променет ментален склоп на размислување и делување. Со владините реформи во системот на безбедносните служби се зголемува довербата на граѓаните во кредибилитетот на институциите во овие предизвикувачки времиња на алтернативни вистини и реалности.

Ова денеска го истакнал првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на одбележувањето на годишнината од формирањето на Агенцијата за национална безбедност, кое беше затворено за јавноста.

-Денес сум горд што припаѓам на генерацијата пратеници во нашето Собрание која што донесе многу значајни одлуки, вклучително и последниот чекор во реформата на безбедносниот сектор со отпочнувањето со работа на Агенцијата со која Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни лични и групни интереси, веќе замина во историјата. Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем не е само усвојување на закони или избор на раководни лица, туку е потребен целосно променет ментален склоп на размислување и делување, истакнал Груби.

Првиот вицепремиер во говорот се осврнал и за борба против корупцијата и организираниот криминал.

-Корупцијата е безбедносен ризик. Не зборувам само за корупција во политиката и инститицуиите, туку и кај медиумите, судството, невладиниот сектор. Токму затоа ни треба општествен ветинг а не лов на вештерки и партиска пропаганда. Зборот процент не смее да се однесува на провизија туку на реализација на борбата против корупцијата, порачал Груби пред присутните.

Според него, поради тоа што сме земја членка на НАТО, и земја што преговара за членство во Европската Унија, место за импровизација и толеранција нема. Затоа, порачува тој, потребна е општествена кампања на сите чинители против корупцијата и организираниот криминал.

Директорот на АНБ Виктор Димовски, пак, посочил дека Агенцијата за национална безбедност продолжува со успех да се носи со предизвиците кон националната безбедност, независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните права и слободи на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот.

-Во изминатиот едногодишен период посветено работевме на финализирање на отпочнатите реформски приоритети, со целосно почитување на уставната и законска рамка и со доследна примена на високите НАТО стандарди, потврдувајќи ја репутацијата на професионална, независна и отчетна институција. Постигнувањата на Агенцијата пред сé се должат на стратешката заложба за развој на нашите капацитети, како кадровски, така и технички – заложба на која ќе продолжиме да работиме и во иднина. Агенцијата станува пример за симбиоза на искуството на колегите со долгогодишни кариери, и енергијата на младите и способни луѓе и технологии. А тоа е секогаш успешен рецепт за напредок, рекол Димовски.

Како што порачал, глобалноста на заканите налага заеднички меѓуинституционален и меѓудржавен одговор.

-Тоа подразбира одржување на високо ниво на координација со безбедносно-разузнавачката заедница во РСМ, на ниво на сите сојузници во НАТО како и со партнерските безбедносни служби од земјите членки на ЕУ, истакнал Димовски.

Како што соопшти Владата, Агенцијата и оваа година додели плакети во знак на благодарност за успешната соработка и исклучителното залагање за реализирање на заштитата на националната безбедност, на поединци и институции. Доделени се плакети и за успешна соработка и на партнерските служби од Француската Република и Република Словенија.

Оваа година со одлука на директорот на АНБ се доделени награди за најдобрите работници на Агенцијата кои во претходниот период најмногу придонесоа за нејзиното успешното работење. Воедно, со одлука на директорот се доделени и почесни службени легитимации на пензионираните работници на Агенцијата за национална безбедност.

Поврзани новости