Во непосредна близина на патарината кај Тетово инженерите од „Бехтел и Енка“ денес почнаа со геомеханички испитувања како дел од подготвителните работи за изградбата на нови коловозни ленти за автопатот Тетово-Гостивар.
На стартот на подготвителните работи присуствуваа и првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
„Со потпишувањето на договорот за Коридорот 8 и Коридорот 10д ние неколку пати рековме дека почнуваме со нов концепт на градба на нашите патишта. Истовремено почнуваме со четири главни активности на градба на Коридорот 8 и на Коридорот 10д. Од денеска почнуваме со геомеханичките испитувања, паралелно ќе одиме со проектирање, паралелно одиме со подготвување на елаборати за експропријација и паралелно одиме со мобилизација на градба. Во моментот кога ќе ги имаме експроприрана дел од трасата и проектирање веднаш ќе почнеме и со градбата на Коридорот 8“, изјави директорот на ЈПДП Рустеми.
Според Рустеми овој начин на паралелна работа е разлика од градењето патишта порано, па затоа смета дека според договорот овие 110 километри автопатишта ќе бидат завршени во предвидениот рок за помалку од пет години.
„Овде е голема разликата помеѓу стариот концепт што го имавме досега и новиот концепт сега што го имаме со „Бехтел и Енка“. Ние прво требаше да имаме проектни задачи, па да проектираме, па после да вршиме ревизија на проектот, па после да добиваме одобрение од Министерството за транспорт и врски. За целата постапка ни требаше четири до пет години да заврши проектот па после да почнеме со градежните работи. Со новиот концепт ние паралелно ги тераме сите овие активности и геомеханички испитувања, и проектирање, и експропријација и градежни работи“, рече Рустеми.
Груби рече дека геомеханичките испитувања ќе значат ископувања со машина на длабочина од шест до седум метри на секои сто метри на цела траса до Струга за да се утврди составот на земјата и постапката понатаму.
„Сега каде што сме ќе се гради страничен пат на автопатот. Постоечкиот автопат Гостивар-Тетово ќе се сруши и ќе се прави нов автопат со по три ленти во еден правец и уште толку во другиот правец. Ќе има страничен пат за поврзување на селата, ќе има надвозници, ќе има подвозници, рече Груби.
На новинарско прашање колку пари се исплатени досега на „Бехтел и Енка’“ Рустеми рече дека има исплатено 117 милиони евра за што имале соопштение на денот кога се пуштени тие средства.
„Ако можете да видите и сега оваа механизација е од компанија од Македонија. Значи, сите активности што се одвиваат сега се ангажираат компании од Македонија и сите и во наредниот период ќе бидат ангажирани и сите наши служби што ги имаме од Република Северна Македонија“, рече Рустеми.
На четврти април во непосредна близина на ова место беше поставена табла со која се најави почетокот на градба на делот од Коридор 8 односно автопатот Тетово-Гостивар.