Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска во Тирана учествуваше на конференција во чест на 50-годишнината од Конгресот на правописот на албанскиот јазик, во организација на Академијата на науките на Албанија и Академијата на науките и уметностите на Косово.
Како што соопшти неговиот Кабинет, во говорот Груби истакна дека „унифицирањето на албанскиот јазик беше од витално значење за Албанците од Северна Македонија бидејќи беше воспоставен како општ стандард за употреба што важеше и за нас“.
-Би рекол дека албанскиот јазик е важен во две димензии: првата е културната и духовната димензија, бидејќи овој јазик активно го зборуваат над 30 проценти од населението, а втората димензија е општествено-политичката бидејќи албанскиот јазик е официјален на локално и на централно ниво. Со последните измени на Законот за употреба на јазиците, албанскиот јазик е ставен во целосна официјална употреба на сите нивоа, вклучувајки го Претседателството, Собранието и Владата, рече Груби.
Посочи и дека се формирани институции кои се грижат за албанскиот јазик, како Агенцијата за спроведување на јазикот, Државниот јазичен инспекторат и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Република Северна Македонија.