Граѓаните во Грција кои вакцинацијата ја завршиле пред седум месеци и не примиле бустер доза од денеска се сметаат за невакцинирани, престанува да им важи сертификатот за вакцинација и ги губат сите привилегии, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретната одлука, првично, планирано беше да стапи во сила на 1 февруари, меѓутоа поради снежната бура и прекинот во процесот на имунизација, Министерството за здравство на Грција, на граѓаните им даде дополнителен период од неколку дена.
Согласно министерската одлука објавена во Службен весник на Грција, од денеска, полнолетните лица кои се вакцинирани и поминале седум месеци од втората доза или три месеци доколку се работи за вакцина со една доза, се сметаат за целосно вакцинирани само доколку ја примиле и бустер дозата.
Според грчките медиуми, околу 300.000 граѓани спаѓаат во конкретната категорија и од денеска веќе се сметаат за невакцинирани.
Документ поврзан со Ковид-19, односно сертификат за вакцинација, потврда за прележана болест или негативен тест се задолжителни речиси за секаде во Грција, со исклучок на супермаркетите, аптеките, продавниците за храна,бензинските пумпи, а во одредени објекти, како што се затворените простори на угостителските објекти, кафулињата, но и ноќните клубови, не постои опцијата за влез со негативен тест.
При влез во сите објекти, сертификатите се скенираат со специјална апликација, а потребен е и документ за личен идентификација.
Правилата, како што е пракса во Грција од почетокот на пандемијата, освен за Грците, важат и за туристите.
Иако за влез во земјата европските сертификати за вакцинација и за прележан Ковид-19 се со важност од девет, односно шест месеци, сепак во внатрешноста на земјата, времетраењето е седум и три месеци. МИА